Македонија
1. August 2018 - 17:52

Во Крива Паланка ќе се спроведе проектот „Цело е кога има се“

Со проектотот „Цело е кога има се“, општина Крива Паланка по третпат ќе учествува во Програмата Општинско корисна работа. 
 
Проектот е поддржан финансиски од Организацијата за развој при Обединети Нации – УНДП,  Министерство за труд и социјална политика, Агенција за вработување на РМ и  локалната самоуправа на општина Крива Паланка.
 
- Проектот во предвидените активности опфаќа во учебната 2018/2019 во редовниот процес на образование да вклучи седум образовни асистенти за помош при наставата на деца со посебни потреби за кој родителите и директорите на училиштата уредно доставија потребни документи и согласности, а ќе биде ангажиран и дефектолог во Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост и едно лице физиотерапевт масер за стари и изнемоштени лица кои имаат потреба од релаксирачка масажа, информира Елена Христовска од општина Крива Паланка, одговорна за проектот.
 
Планирано е да бидат ангажирани девет лица кои се невработени, а се евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Македонија, на скратено работно време од четири часа дневно, во времетраење од шест до девет месеци.