Loading Video...
Македонија
25. January 2021 - 16:36

Во Македонија немало мутација до 11-ти јануари

Дека во Македонија ја нема британската мутација на коронавирусот може да се тврди само за до пред 2 недели. Како што соопшти министерството за здравство во лабораторијата во МАНУ биле анализирани примероци на позитивни на вирусот во периодот од декември до 11 јануари.  

-Во лабораторијата во МАНУ се врши секвенционирање на целиот геном на вируси детектирани кај пациенти со КОВИД-19 од нашата држава со цел да се утврдат соевите на вирусот кои циркулираат во нашата популација, начинот на нивното ширење и можната корелација со различната клиничка презентација на болеста. Последните податоци се однесуваат на анализа на 50-тина геноми во периодот декември 2020 - 11 јануари 2021 година, информираат од здравство.

Од друга страна токму по овој период се укина и ПЦР тестот за патување кон северниот сосед  и се зголеми фрекфенцијата на патници кон Србија каде вчера тамошните власти и официјално соопштија дека го потврдиле новиот тип на вирусот кај пациентка од Нови Сад која дошла од Лондон ден пред Нова Година и прво имала негативен ПЦР тест.

Мутираниот сој кој почна да се шири од Велика Британија според СЗО досега е потврден во 60-тина земји. Случај регистрираше и Словенија, а во соседна Грција досега има 32-ца заболени. Германија стравува дека наредниот период во земјата доминантен ќе биде токму новиот британски тип на корона за кој научниците сметаат дека е многу позаразен, но не и посмртоносен.