Живот
17. August 2016 - 18:12

Во рок од еден месец: Телевизија им нареди на водителките да ослабнат

Раководството на египетската државна телевизија суспендира осум водителки и презентерки на вести поради „вишок на килограми“ и побара од нив да почнат да држат диета и да ослабнат.

На жените, за кои раководството смета дека имаат вишок килограми, им е оставен рок од еден месец за ослабување, пред да може одново да се појават во програмата.

Ваквото решение на египетската телевизија предизвика бурна реакција кај групите за заштита на правата на жените, но и во пошироката јавност, особено што генерален директор е жена - Сафа Хегази, која претходно беше угледна и популарна телевизиска водителка.

Презентерка на египетскиот Канал 2 за каирски весник изјави дека сака гледачите на нејзината програма, самите да пресудат дали таа е дебела и дали заслужува да биде „тргната од програмата“.

Друга водителка се пожалила дека сега има проблеми во семејството, кое изгледа не гледа ништо лошо во нејзиниот вишок килограми, па е против тоа таа да држи диета и да ослабне.

Угледниот каирски весник „Ал Ахрам“ отвори дебата околу ова прашање, на кое дел од учесниците сметаат оти битката за слабеење требало прво да почне во локалните телевизиски станици, додека други се на мислење дека повеќе внимание треба да се води за квалитетот на програмата, а не за килограмите на водителките.

Луѓето на социјалните мрежи, меѓутоа, во многу поголем број ја подржуваат одлуката на египетската телевизија и сметаат дека е време „дебелите“ водителки да почнат да слабеат, верувајќи оти зад оваа необична одлука стои директорката Хегази.