Свет
20. December 2023 - 12:18

Во САД бројот на илегални мигранти најголем во последните две децении

Бројот на илегални имигранти во САД годинава се зголеми на највисоко ниво во последните две децении, поттикнувајќи го растот на населението, покажаа податоците на Американскиот Центар за попис.

Од оваа година во САД живеат 1,6 милиони повеќе луѓе, од кои две третини се мигранти, па вкупниот број на жители е 334,9 милиони.

Речиси еден милион луѓе влегле во САД минатата година, а силниот тренд продолжи и оваа година, и досега влегле 1,1 милион луѓе, изјави Вилијам Фреј, демограф во Институтот Брукингс.

– Без миграција, проекциите велат дека би имало пад на населението, бидејќи бројот на умрени ќе биде поголем од бројот на раѓања до крајот на следната деценија.

Миграцијата ќе биде главната причина за растот на населението во иднина, додаде Фреј.

Во САД, пописот одредува колку места ќе добие секоја сојузна држава во Конгресот, па доколку овој тренд продолжи до 2030 година, Калифорнија би можела да загуби четири места во Претставничкиот дом, а Њујорк може да загуби три места.

Тексас би можел да добие четири места, а Флорида три, според анализата на Центарот за правда Бренан. Годинава во САД починале 300. 000 луѓе помалку од минатата година.