Во Скопје и денеска воздухот опасен по здравје, владата најави решение за аерозагадувањето
Рекордери во најштетен воздух за дишење сме веќе неколку дена според светските платформи кои покажуваат дека ПМ честичките се три пати повеќе од дозволеното. Политичарите собираат поени и се препукуваат на оваа тема но резултати не испорачуваат. Опозициската СДСМ го обвинува премиерот дека Владата нема преземено ниту една мерка за да го намали аерозагадувањето, решенија не испорачале ниту градоначалниците од ВМРО ДПМНЕ. Прашуваат каде е милјардата која ја ветувал премиерот за инвестиции за заштита на животната средина.
Сите депонии горат а епицентарот на загадувањето е во Кочани обвинува Левица. Пратеникот Крмов бара од власта итно решавање на проблемот со депониите.
Премиерот е шокиран од обвинувањата кои доаѓаат од партијата која 7 години била на власт а не направила ништо да го спречат аерозагадувањето. Мицкоски вели воздухот не може преку ноќ да се исчисти но најави дека бараат партнери кои ќе вложат во системите за затоплување преку когенеративни централи.
СДСМ пак поднесоа амандман за да се обезбедат 30 милиони денари за нова времена депонија за да се затвори постојната во Кочани. Преку соопштение бараат од мнозинството да гласа за прифаќање на амандманот за да им се излезе во пресрет на граѓаните кои протестираат.
- Имаме во план неколку да направиме и на тој начин цениме дека барем за шеесетина проценти, кога ќе ја добие оваа целосната апликација од 100 проценти, барем за шеесетина проценти ќе биде намалено загадувањето и почнуваме тоа да го развиваме. Да предупредам, тоа нема да биде денеска – следната недела ќе биде исчистен воздухот. Можеби за 3-4 години од денес, бидејќи до сега не е ништо направенио. Но, да, ова е единствениот начин како веднаш да реагираме и да напрвиме нешто со коешто ќе успееме да го подобриме квалитетот на воздухот. Магија не постои, чудо не постои. Денеска ако почнеме тоа да го развиваме, а веќе го развиваме, резултатите за три до четири години ќе ги очекуваме.
Од министерството за животна средина преку соопштенија најавија инспекциски контроли на индустриските капацитети а подготвуваат и план со краткорочни и долгорочни мерки кој ќе го испратат до Владата.
Инаку Универзитетските професори направија истражување и предупредија дека воздухот е опасен по здравјето и во затворени простории. Според резултатите од истражувањето спроведено во градинки и училишта во 5 градови низ земјава, присуството на штетни Пм честички во просториите се двојно повеќе од препорачаните вредности.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар