Македонија
18. December 2025 - 16:28

Во Струмица и Кичево не се дише, Скопје втор најзагаден град во Европа

Струмичани и кичевчани се гушат, Скопје во трка со Сараево кој да биде најзагаден град во Европа. Аерозагадувањето руши рекорди а Струмица и Кичево од денеска се под посебни мерки за заштита на населението. Бидејќи два дена по ред е надминат прагот на штетни честички во воздухот и тоа неколкупати над дозволеното, Министерството за животна средина со препорака до работодавците да ги ослободат од работни обрски бремените жени, постарите од 60 години и лицата со хронични болести, реорганизација на работното време на отворено и да нема спортски манифестации. Исто така забрануваат палење оган на отворен простор и засилени контроли на инспекциите. 

Воздухот е нездрав и сериозен ризик по здравјето на граѓаните пишува на апликацијата АјКјуЕр за  индексот на загаденост во главниот град. Штетните ПМ10 честички се опасност и за жителите во Куманово, Тетово, Битола. Од Институтот за јавно здравје не добвиме конкретен одговор за заштита при вакви алармамнтни состојби.

И краткорочни и долгорочни мерки, но да не бидат декларативни како порано туку реално да помогнат во решавање на проблемот со аерозагадувањето, е ставот на скопскиот градоначалник.

-Освен оние тековни активности што ги правиме како што се инспекциските контроли, Скопје да се покрие со гасна централа што не може исто така преку ноќ да се случи но работиме на тоа, алтернативни горива за домаќинствата и она што го планираме за наредната година се електричните автобуси, вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје. 

Лекарите постојано алармираат колку загадениот воздух е штетен за здравјето но и за бројните смртни случаи како последица на аерозагадувањето.