Македонија
4. јуни 2021 - 12:18

Возел со 142 километри на час низ Тетово, полицијата го фатила со ноќен радар

Низ градските улици и булевари на Тетово вчера вечерта со помош на ноќен радар на Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај откриени се откриени и законски санкционирани вкупно 42 пречекорувања на максимално дозволената брзина.  Еден од возачите достигнал и 142 километри на час во населено место, односно во влезот на Тетово.

-Вчеравечер од 20 часот и 30 минути до 23 часот и 30 минути, полициски службеници на СВР Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово спровеле контрола на брзината со која се движат возилата во населено место. При тоа, со користење на таканаречениот „ноќен радар“ биле откриени и законски санкционирани вкупно 42 пречекорувања на максимално дозволената брзина, од кои 10 за повеќе од 50 километри на час. Покрај ова, санкционирани се и пет други видови прекршоци, инфомира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Деновиве, исто така,  на поширокото тетовско подрачје продолжуваат и контролните активности со кои се опфатени прекршоците кои ги прават мотоциклистите, а во рамките на кои посебен фокус се управувањето без возачка дозвола, некористењето на заштитна опрема и технички неисправните и нерегистрирани мотоцикли.

-Минатиот месец (мај) во Тетово и Тетовско биле преземени вкупно 223 мерки против мотоциклисти, од кои 79 за неносење заштитен шлем, односно кацига, 39 за управување без возачка дозвола и за други недостатоци. На сите прекршители изготвени им се поднесоци и зависно од видот и карактерот на прекршокот, тие ќе се соочат со парични глоби кои се движат од 50 до 250, односно 500 евра во денарска противвредност, информира Јосифоски.

Во овој период, исто така, поради констатирани се  различни видови недостатоци времено биле одземени и 17 мотоцикли, од кои еден за бучава.