Македонија
1. February 2023 - 16:38

Вработените во финансии излегоа на протест пред зградата на Министерството

Се одложува покачувањето на платите од 30 отсто во Министерството за финансии. Иако пред само една недела добија ветување од министерот Бесими, вработените денеска дознале дека тоа нема да се реализира веднаш.

Според информации на Сител, проблемот е во Законот за Буџет. Доколку ова покачување помине сега, линеарно зголемување од 30 отсто би добиле сите вработени во Финансии, но и институциите кои се под надлежност на ова Министерство. Идејата била зголемувањето да важи само за оние кои работат на креирање на државниот буџет, но бидејќи Законот за буџет не препознава разлика не препознава различни работни задачи, покачувањето би било целиот персонал.

-Бидејќи со оваа одредба на Законот не може да се постигне самата цел на Законот, односно наградување на сите тие што се вклучени во подготовката и спроведувањето на државниот буџет, поради неможноста на утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност која произлегува од работната позиција,  примената ќе ја регулираме со  допрецизирање на одредбата од Законот за Буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот  секторот, кој е во завршна фаза на подготовка како системско решение ва рамки на јавниот сектор, велат од Финансии.

Но конфузната најава на Бесими дека зголемување ќе добие целото Министерство, ги извади речиси сите 600 вработени на протест пред зградата на Финансии. Се собраа на паузата, но изјава не сакаа да дадат, само најавуваат дека и утре ќе го искажат револтот. 

Бесими, зголемувањето од 30 отсто го правда со ниските плати во Министерството. Тој се жалеше дека вработените го напуштале Финансии бидејќи им се нуделе подобри услови во други компании. Но и дека никој не се пријавувал на огласите за вработување.

Зголемувањето на платите наиде на големи критики од јавноста и од синдикатите, особено што јавниот сектор не ги доби ветените 2.000 денари покачување иако протестираа речиси 3 месеци минатата година.