Македонија
6. August 2024 - 16:49

„Вреди“ бара ОЈО да истражи дали ДУИ правел криминал во „Државна лотарија“

Барањето за автентично толкување за Законот за игри на среќи доби зелено светло од Законодавно-правната комисија. Пратениците едногласно го оценија како оправдано.

Со автентичното толкување всушност се ограничува правото на Државна лотарија да издава лиценци за игри на среќа преку интернет на фирми во кои таа е партнер, туку тоа може да го прави само државата. 

-Имајќи ги предвид гореневедените цитирани одредби произлегува дека е истечен временскиот период во кој трговското друшство за приредување на игрина среќи во кое Република Македонија е содружник или акционер со најмалку 51% од основната главнина имаше право да ги приредува интернет игрите на среќа. Оттука, во моментов приредувањето на интернет игри на среќа може да се врши само од трговски друшства на кои им е издадена Лиценца од страна на Владата на Република Северна Македонија, согласно условите пропишани во глава VI. Интернет игри на среќа, се вели во антентичното толкување. 

Пратеникот од Коалицијата „Вреди“, Беким Сали побара од Јавното обвинителство да истражи е сторена политичка корупција од страна на ДУИ во Државна лотарија. Според него, „Државна Лотарија“ на 31 март преку делегирање на 51% од сопственичкиот капитал регистрирал втора видео лотарија под името „Ново ВЛТ“ со основна главнина од безмалку 10 милиони евра. 

- Како носител на дејноста и ко-сопственик на „НОВО ВЛТ“ се јавува компанијата Друштво за услуги ХТЛ Македонија ДООЕЛ Скопје. За членови на Надзорниот одбор на „НОВО ВЛТ“ беа назначени, продолжената рака на Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами и неговите сопартијци од ДУИ, Артин Спахију и Омер Буњаку. Согласно оваа рамковна спогодба – договор за јавна набавка склучена меѓу „НОВО ВЛТ“ и косопственикот и основачот „ХТЛ“, склучена на 13 јуни 2024 или 35 дена по парламентарните избори, се предвидува за период од две години да се набават 1.600 видео лотариски терминали во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра, изјави Сали.

Според него, компанијата треба да набави илјадници казино апарати во наредните две години во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра. Тврди и дека пазарната цена за еден терминал премногу се разликува со тендерираната вредност. Според него, еден терминал чини 3.800 евра, а во јавната набавка изнесува 10.000 евра.

-Дали е точно дека вкупната вредност на набавката чини неверојатни 9 920 000 евра поскапо од пазарната вредност на видео лотариските терминали? Во чии џебови ќе заврши разликата од речиси 10 милиони евра, само од овој тендер? Или дали вредноста на казино апаратите е свесно и со умисла зголемена со цел да се штелува основната главнина неопходна за отворање на новата државна видео лотарија?, додаде Сали.
Реагира од ХЛТ Македонија. Од Компанијата тврдат дека изјавата на сали не ја одразува фактичката состојба, туку служи за дневно партиска пресметка. Велат дека станува збор за набавка од отворен тип, спроведена според сите позитивни законски прописи на која интерес можат да покажат сите економски оператори. 

-Прво, склучена е Рамковна спогодба во времетраење од две години, која предвидува дека во тој период може да се набават максимум до 2100 видео лотариски терминали за потребите на Друштвото за организирање електронски игри на среќа – Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДООЕЛ Скопје. Тоа во никој случај не значи дека ќе се набави целата количина наведена во јавната набавка. Дополнително, спроведена е редовна управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки за начинот на спроведување на набавката и не се утврдени никакви неправилности, што е дополнителен аргумент за целосната законитост во работењето, велат од компанијата. 

Оттаму тврдат и дека цените за кои зборуваше Сали се апсолутно неточни, а ХТЛ имала најповолна понуда. 

-Притоа, исклучително важно е што за потребите на оваа јавна набавка не искористен ниту еден денар од Државниот Буџет. Тоа што ХТЛ истовремено е малцински содружник на Државна Лотарија во НОВО ВЛТ, не значи дека по автоматизам треба да се доведува во прашање законитоста и конкурентноста на спроведената постапка за јавни набавки. Како и да е, ние нема што да криеме. Ги повикуваме Надлежните државни институции да ги преземат сите неопходни чекори за утврдување на фактичката состојба, се вели во реакцијата. 

Законот за игри на среќа доби измени на почетокот на годината и тоа со „европско знаменце“. Автентичното толкување треба да ги дообјасни измените за да не може да се изигрува законот.