Бизнис
30. November 2020 - 19:39

За кого недела ќе биде неработен ден?

Супермаркетите и трговците на големо да не работат во недела, додека за малите трговци, угостителите и туристичките агенции засега нема да важи тоа. Ова е предлотот на Министерството за економија во врска со идејата за недела да биде неработен ден.
Граѓаните се со поделени мислења за тоа дали и кој треба да работи во недела.

Стопанствениците велат да не се брза. Поради кризата Стопанската комора на Македонија побара примената на Законот да се одложи за најмалку една година, односно да се остави време за бизнисот да закрепне. Ако се воведе недела за неработен ден тоа ќе влијае на продуктивноста и конкурентноста на компаниите.
Од Стопанската комора на северо-западна Македонија бараат повеќе време за преговори.

“Нашите барања се да се почитуваат некои правила, каде што дел од бизнисите кои оперираат за викенди да можат да ја вршат дејноста, но да се запази и делот сите вработени да имаат еден ден одмор во текот на неделата и тоа да се почитува. Но, истакнавме да не се брза со ова бидејќи информациите од Министерството за труд ги добивме, треба да ги разгледаме и како Комори да излеземе со предлози за ова прашање”, вели Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Сојузот на синдикати на Македонија ја поддржува идејата, бидејќи тие веќе подолго време се залагаат за неработна недела. Сметаат дека викенд полицискиот час покажал дека општеството може да функционира и доколку не се работи во недела.
За измените во Законот очекуваат навремено да бидат информирани и да бидат вклучени во целиот процес.

“Во одредени дејности (како полиција, армија и здравство), работни задачи, во недела, може да извршуваат работници каде што природата на работниот процес не дозволува прекин, а за тоа имаат право на зголемување на основната плата на работникот, по час најмалку за дополнителни 50% за работа во недела,  како и право на слободен ден во текот на неделата”, предлагаат од ССМ.

Според дадените рокови од министерката за труд, предлог законот би требало утре да се најде на владина седница, а од новото законско решение изземени ќе бидат здравството, полицијата, противпожарните и комуналните служби.