Македонија
8. March 2021 - 12:27

Загрижувачки негативен природен прираст во Битола

Поразителни бројки на депопулација во Битола покажаа статистиките за последното тримесечје од 2020 година, со 520 умрени и 161 новороденче и негативен природен пораст од 359. Голем удел врз демографското стареење имаат миграциите кои демографите ги делат на три вида. Првите се младите кои немаат работа и едноставно го напуштаат градот.

-Потоа се ситуирани млади брачни парови кои со деца се решаваат да заминат, тука е загубата е уште поголема од претходните видови миграции затоа што тие треба да бидат иднина. Третиот случај кој можеби е најтажен, тоа е заминувањето на најпособните, најквалификуваните, највредните кадри, наместо да се бориме да ги задржиме, ние како да ги набркуваме, изјави М-р Методиј Богоевски, магистер по демографија.

20 години морталитетот е повисок од наталитетот во Битола, а само по основ на природниот пораст има помалку 6000 жители.

-Ако на ова ги додадеме податоците кои за жал ги немаме бидејќи немавме попис, колку има мигрирано население од Битола во останатите општини,л пред се во Скопје или надвор од државата, сигурни сме дека над 10.000 жители имаме помалку од пред 20 години. Економскиот фактор е една од главните причини за овие миграции, немањето работа, нискиот стандард, сето тоа придонесува луѓето се одлучуваат да мигрираат надвор од Битола, изјави М-р Мите Ристов, професор по географија.

Дополнително на депопулацијата влијаеше и пандемијата. Истражувањата на професор од Јејл, покажале дека првите 9 месеци после пандемиите, наталитетот опаѓал во голема мера. Но, кај нас, покрај економскиот фактор, влијаеше и несигурноста кај луѓето.

-Во услови на криза не можат да добијат здравствена заштита и значаен фактор кај нас е тоа што нема вакцини и нема имунизација, затоа што луѓето се чувствуваат уште понесигурни. Ќе покаже наредниот период на имунизација, ќе треба да помине време, според истражувањата на професорот Мејер од Јејл, околу 9-10 месеци за да можат да се воспостават нормални текови, изјави Проф. Д-р Златко Жоглев, универзитетски професор по социологија.

Според демографите пак, очекувањата се дека ваквата состојба само ќе се продлабочува и нема да се подобри барем во догледно време.