Балкан
30. March 2021 - 21:16

Захариева се огради од Џамбаски

Бугарското министерство за надворешни работи се огради од вчерашното видео на европратеникот Џамбаски, во кое тој вели дека Македонија е бугарска, а Бугарија над се. Провокативното видео објавено во тек на изборната кампања, шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева го оцени како несоодветно, посочувајќи дека тоа не е официјален став на Бугарија

Во врска со предизборното видео на европратеникот Ангел Џамбаски, Министерството за надворешни работи сака да посочи дека  смета дека предметниот материјал е несоодветен. Потенцираме дека пораките изразени во видеото не го изразуваат официјалниот став на бугарската влада. Бугарија нема територијални претензии кон другите земји и тоа постојано се декларираше, се вели во соопштението од бугарското МНР.

Ова следи по протесната нота која вчера ја упати македонското МНР, потенцирајќи дека ставови во кои се нагласуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земја-сојузничка во НАТО и земја-членка на ЕУ и е спротивна на идеалите и вредностите на ЕУ. Најавија дека за ова ќе реагираат и до самата Унија.

Инаку Захариева обвини за медиумски молк во врска со случајот ИФИМЕС. Уште еднаш побара владата да се огради од анализата, на словеничкиот Институт за балкански и блискоисточни студии во која стои дека “бугарските власти изнесуваат неверодостојни податоци дека Македонците имаат бугарско потекло и Северна Македонија мора да даде официјална изјава дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени“.

Пред два дена Владата  се дистанцираше од ставовите на словенечкиот институт, посочувајќи дека нема никаква врска со анализата, а како несоодветен го оцени и потегот  на Захариева која за ова го повика и македонскиот в.д. амбасадор во Софија на разговор.