Засилени инспекциски контроли и мерки за намалување на аерозагадувањето во Струмица
Општина Струмица ги интензивираше инспекциските контроли со цел навремено откривање и санкционирање на загадувачите на воздухот. Од почетокот на ноември досега, општинските инспектори реализирале околу педесет вонредни инспекциски надзори, при што биле поднесени повеќе прекршочни и една кривична пријава .
Најголемиот дел од санкционираните лица биле затекнати при согорување отпад, кој дополнително бил преработуван или отстрануван на несоодветен начин, со што директно се загрозувале квалитетот на амбиентниот воздух и животната средина.
Загадувањето на воздухот, причините, како и мерките што треба да се преземат, беа тема и на првата седница на новиот состав на Локалниот совет за превенција.
Според градоначалникот Петар Јанков, загадувањето на воздухот, особено во југоисточниот дел на градот, претставува долгогодишен проблем кој бара системско и долгорочно решение. Тој посочува дека, покрај репресивните мерки и засилените инспекциски контроли, неопходно е да се преземат и превентивни активности.
Според последните анализи, како главен фактор за загадувањето во Струмица е наведено согорувањето на биомасата, односно огревното дрво, а веднаш по него и сообраќајот.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар
