Македонија
23. September 2016 - 11:39

Засилени превентивните активности за поголема сообраќајна безбедност во Гостиварско

Во првите осум месеци од годинава, заклучно со 25-ти август, на гостиварското подрачје во сообраќајни несреќи загинале 10 лица што  и за три пати поголем број од истиот период лани кога се регистрирани три човечки жртви, информираат од СВР Тетово.

- Од почетокот на годинава, регистрирани се и 27 тешко повредени лица и 108 лесно повредени. Најмногу од повредените 84 биле сопатници. Споредено со лани и причинетата материјална штета е речиси за 4 милиони денари поголема, изјави за МИА портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.

Минатата година во овој период биле регистрирани 20 тешко повредни лица, 84 лесно повредени, а материјалната штета изнесувала околу 10 милиони денари.

- Заради ваквите показатели, последниве неколку месеци особено во јуни, јули, август и септември, СВР Тетово ги засили превентивните и други контролни активности за поголема сообраќајна безбедност. Тие најчесто се спроведуваат пред сé на главните гостиварски улици, кои се најфрекфрентни и на кои години наназад се случуваат најголемиот број од несреќите. Целта е навреме да се откријат, отстранат и законски да се санкционираат најразличните видови прекршоци, што ги прават возачите и другите учесници во сообраќајот, нагласува Јосифоски.

Најчеста причина за сообраќајните незгоди (46) била неприлагодена брзина, односно пребрзо возење, во 29 неправилно вршење дејствие, во 18 непочитување првенство, во 9 возење под дејство на алкохол. Осетно зголемен годинава, исто така е и бројот на откриените лица кои управувале без возачки дозволи или нерегистрирани возила.

Зоран Г. Маџоски