Живот
22. September 2021 - 12:21

Заврши 42-то издание на „Браќа Манаки“

И покрај сите препреки и предизвици со кои се соочивме во изминативе неколку месеци, вечерва можам конечно да кажам и покрај сè успеавме да ја продолжиме магијата и да ја отсонуваме нашата приказна до розов хепиенд, рече на синоќешното затворање на 42 издание на ИФФК „Браќа Манаки“ директорот Симеон Дамевски. 

- Искрено би сакал да ви заблагодарам вам за тоа. Зошто се чини дека токму со доаѓањето во вашето и наше пристаниште Битола, како да запреа сите бури коишто дотогаш жестоко ни се закануваа и му се закануваа на нашиот фестивалски брод. По 16 септември нашата пловидба одеднаш стана мирна и потоа со вас, битолската публика, со вашите и наши прекрасни лауреати и со извонредниот меѓународен жири поминавме шест беспрекорни денови во Битола, рече Симеон Дамевски, директор на фестивалот.

За време на неговиот говор, на шега се исклучи микрофонот и салата се затемни, а публиката реагираше со аплауз, но и громогласна смеа.

Претседателот на жирито, Суки Меденчевиќ од името на комисијата се заблагодари за гостопримството и за честа што ни им била дадена да ги изберат победниците на 42. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“. 

- Секогаш работата на жирито е тешка. Никој не вели дека е тоа лесна работа затоа што да се донесе таква одлука е навистина тешко, но истовремено претставуваше задоволство затоа што имавме можност да погледнеме исклучителни филмови и одлучувачки беа нијансите, рече Суки Меденчевиќ, претседател на жирито.

Беа прогласени и добитниците на наградите. Златната Камера „300“ ја доби Јани-Петери Паси за филмот „Купе број 6“. Лауреатот Јани-Петери Паси во видео-порака рече дека иако веќе ја има добиена оваа награда, останал буден цела ноќ од возбуда.

- Благодарам Битола, за жал не можев да бидам таму оваа година. Беше големо изненадување за мене, истовремено чест да се добие повторно ова големо признание. Толку многу бев возбуден што се разбудив среде ноќ и останав буден. Голема чест е да се биде награден на фестивал посветен на кинематограферите, се надевам ќе се видиме следната година, рече Јани-Петери Паси, добитник на Златна камера „300“.

Добитник на наградата „Мала камера 300“ е кинематограферката Жоана Силва Фернандеж за филмот „Низ маглата“, Бронзената камера 300 ја доби кинематограферот Рубен Импенс за филмот „Титаниум“, „Сребрената камера 300“ се додели на Каспер Туксен за филмот „Најлошата личност на светот“.