Македонија
20. January 2021 - 20:06

Заврши рокот за предлози, Царовска е задоволна од реакциите по концепцијата за реформи

30-тина предлози и претставки за нацр-концептот за основното образование пристигнале до МОН. Најголем дел се однесуваат на времетраењето на имплементацијата, но и за обуката на наставниците. Министерката Царовска уверува дека предвид ќе се земат и оние претставки кои беа јавни, а такви дојдоа од речиси сите релевантни институции вклучени во образовниот процес. Рокот за доставување на предлозите истече денеска.

- Навистина многу добар е-маил и предлог дојде од професорка од Неготино со сите стравови што може да се случи во делот на креирање на распоредот. Сите тие забелешки се земени и предадени на работната група, вели Царовска

Сенатот на УКИМ донесе остри заклучоци за предлог-концептот на Царовска. За сенаторите најспорно е избрзувањето на вака крупни промени во образовниот процес. Најважно е да се гледаат развојот на образованието на глобално ниво, но и потребите и можностите на Македонија. Потребна е и широка дебата на институционална основа.

Велат дека интегрирање на предмети кои доаѓаат од различни научни дисциплини, како што се „Историја“, „Географија“ и „Граѓанско образование“ е можно само во предшколската обука со која децата се подготвуваат за училишниот процес.

Сепак, за Царовска не станувало збор за остри заклучоци, туку за конструктивни предлози кои се однесуваат на два сегменти од концептот.

- Апсолутно не се остри, туку се однесуваат на тоа дека потребна е обука на наставниците, читам сиже. Исто така, дека е потребно да се подготви темелна анализа за реформите. Низа анализи постојат и тие се цитирани во самата концепција. Дополнително, вели, треба да се земат предвид сите аспекти како заедничка работа и оценување – секако, тоа е дел и од работата на Бирото, како досега – така и отсега. Подготовката на целата имплементација на целата концепција си оди тековно, рече Царовска.

Студентите по историја на УКИМ денеска со герила акција пред МОН го искажаа својот револт против спојувањето на нивниот предмет со други предмети.

- Јавна дебата воопшто немаше. На најподмолен начин пробуваат да протуркаат нешто што нема да биде нова образовна реформа. Туку со спојувањето на предметите едни во други ќе настане тотална деструкција на многу наши предмети, а пред се на нешто што е државотворно за нас Македонците, а тоа е македонската историја, вели студентот Димитар Тодороски.

Утре со нови проблеми ќе започне второто полугие од оваа учебна година. Матурантите за в четврток најавија бојкот на наставата, барајќи наместо четири, да полагаат два предмети за државна матура. Мајчин јазик и еден по избор. Царовска вели дека промена на моделот за матура се планира за в година, кога и најверојатно ќе се полагаат само два предмети.