Македонија
28. September 2022 - 16:35

Здруженијата на пациенти бараат проширување на позитивната листа

Од сите земји во регионот, во Македонија нај алармантна е состојбата со достапност на животоспасувачки лекови, предупредуваат повеќе здруженија на пациенти. Според нив болните со години мака мачат да стигнат до неопходната терапија за сериозни болести, сами си ја наоѓаат и  ја плаќаат  од свој џеб.

-Дури 80 проценти од она што го плаќаат граѓаните од свој џеб за здравствена заштита всушност се однесува на лекови, изјави Андреј Сених од Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“.

Повеќе здруженија на пациенти бараат итно ревидирање и проширување на позитивната листа и обезбедување современа терапија. Тие предлагаат да се подготви законска рамка и државата преку директни договори со производителите да обезбедува влез на нови и скапи лекови за македонските пациенти. Засега единствен начин за обезбедување нова терапија за тешко болните е преку програмите на министерството за здравство, но тендерските процедури често доцнат, а пациентите живеат во неизвесност.

-Ако лековите се на позитивната листа, пациентите можат да ги купат лековите од странство и да ги рефундираат преку Фондот за здравствено осигурување. Но, поради тоа што не се на позитивната листа тие не можат никако да рефундираат, значи ако купат лекови ги купуваат на свој трошок, рече Весна Алексовска од Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“.

-Навистина државата мора да изнајде начин, не може на ист начин да се набавуваат тоалекна хартија и банани како медицинска терапија и лекови, изјави Хајди Штерјова Симоновиќ, од ХОБС.

Министерот за здравство пак на Фејсбук страната се пофали дека во Владата денеска бил одржан стручен состанок за промена на позитивната листа на лекови, но според искуствата нејзиното ревидирање нема да се случи до крајот на годината, а прашање е кога пациентите во земјава конечно ќе имаат современа терапија.