Земјоделците се жалат, УЈП испраќа опомени, но не ги исполнува своите обврски
Земјоделците од струмичко бараат државата да им го исплати заостанатиот данок на личен доход. Наместо да си ги подмири сопствените обрски , УЈП на околу 1000 земјоделски производители им испрати опомени за неподмирени долгови за неколку години, информираше претседателот на потсекторската група за градинарство Драги Памуков. Тој потврди дека одреден број на производители имаат обврски кон државата, но во исто време прашува како може управата да испраќа опомени за долгови , а да не ги исполнува сопствените обврски кон земјоделците.
Според Памуков, по основ на исплата на земјоделски производи на годишно ниво во државната каса се влеваат помеѓу 8 до 10 милиони евра, а повратот доцни и по неколку години. За разлика од земјоделскиот сектор, во другите дејности повратот на данокот бил на три или шест месеци.
Од УЈП информираа дека Право на поврат имаат земјоделците кои имаат остварено само доход по основ на продажба на сопствени земјоделски производи не поголем од 1.000.000 ден . Земјоделците кои имаат остварено и друг доход, покрај продажба на земјоделски производи немаат право на поврат, независно од висината на доходот од продажба на земјоделски производи.
По тој основ за 2021. 2022 и 2023 година кон близу 22.600 земјоделци било извршено враќање на платениот данок на личен доход во висина од над 147 милиони денари. Враќањето на платениот данок на личен доход за 2024 година ќе се реализирало откако ќе бидат потврдени годишните даночни пријави за таа година од страна на земјоделците за кои рокот на потврдување е 31 мај 2025 г. Според евиденцијата на УЈП, имало и голем дел земјоделци кои немаат направено регистрација во системот, а немале доставено ниту трансакциска сметка на која би се реализирал повратот. Од таму апелираа до земјоделците да се регистрираат во системот и да ги ажурираат своите податоци со цел да им се вратат средствата..
Во однос на доставените опомени, Управата за јавни приходи потсетува дека секој граѓанин, даночен обврзник има законска и морална обврска да ги исполнува обврските по основ на даноци.
-
Зoран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар