Жените во Тетово ќе се капат во посебни термини во градскиот базен
Посебни термини за капење за жени и девојки во градскиот базен во Тетово. Жените и девојките базенот ќе можа го посетуваат во среда и сабота во временски период од 08:30 до пладне.
Сегрегација или еднаквост?
Раководителот на секторот за јавни дејности во општина Тетово Назми Даути во телефонски разговор ни кажа дека барањето дошло од граѓаните на Тетово, без да прецизира кои и колку граѓани барале посебни термини за девојките и жените и дали воопшто постои официјален допис до општината со вакво барање.
Испративме и прашања до општина Тетово – дали мажите и жените во останатите термини ќе можат заеднички да го користат базенот? Колку граѓани побарале вакво нешто и дали добиле официјален допис во општината со барање за ваква одлука? Како и кој дал поддршка за „женските термини“. До подготовка на прилогот одговор од општина Тетово не добивме.
Одлуката која наликува на правилник во некоја од најконзервативните арапски држави доаѓа на самиот почеток на летната сезона. Градскиот базен за време на учебната година е наменет само за учениците, но од 10 јуни ги отвора вратите за сите посетители.
Градскиот базен во Тетово е изграден уште во 2021 година, но со работа почна половина година подоцна бидејќи се чекаше да биде инсталиран соларен систем за загревање на водата. Изграден е со пари од поранешната Агенција за млади и спорт како дел од проект за изградба на 14 базени ширум државата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
