Жетва на ориз до Нова година, штетите се огромни
Жетвата на оризот во Кочанско се соочува со сериозни проблеми и сè уште не е заокружена, а сликата на терен, велат земјоделците, е загрижувачка. Обилните дождови, во комбинација со доцната сеидба, оставија околу 30% од оризните површини неожнеани, што директно ја доведува во прашање целата реколта.
- Моментално имам еден хектар под вода… штетите се, да не речам, 100 % оваа година. Со цената, со откупот и со времето, изјави Борче Ангелов оризопроизводител од село Спанчево.
Производителите стравуваат дека зголемената влага сериозно ќе го наруши квалитетот на оризот. Дел од реколтата веќе е оштетен, а намалените приноси значат и поголеми финансиски загуби за оризарите, кои и онака се соочуваат со тешка година.
- Гледам сега некои жнеат, ама што ќе соберат е прашање. И тоа што ќе го ожнеат нема да биде квалитетно. За жал, природата си го прави своето, изјави земјоделец од село Облешево.
Покрај временските непогоди, дополнителен удар за оризопроизводителите е и ниската откупна цена. Во моментов, килограм оризова арпа се откупува по 18 до 22 денари, што, според нив, е далеку под производствената цена.
- Производна цена на 500 килограми (принос од декар)излегува од 29 до 30 денари. Со закон е регулирано дека над производната цена државата е должна 25 проценти да им исплати на оризопроизводителите. Ако тоа не се направи, оризот како култура ќе исчезне, младите ќе избегаат и догодина никој нема да се занимава со ориз, изјави Здравко Арсов од Националната мрежа на земјоделци.
Годинава, според оризопроизводителите, за првпат се очекува жетвата да се пролонгира и да трае сè до новогодишните празници.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
