Македонија
10. July 2024 - 19:50

Жителите на Оревоец бараат времена мерка против „Бехтел и Енка“

Денеска се одржа рочиштето во прилепскиот Основен суд на кое жителите од селото Оревоец бараат времена мерка за стопирање на активностите на ископот за тампон кој Бехтел и Енка го прави на неколку стотини метри од селото. Адвокатот на жителите вели дека од доставената документација можело да се заклучи дека ископ се правел комплетно незаконски, криминално и без ниту една потребна дозвола. Бараат и одговорност од надлежните.

„Имено, во текот на 2019 па се до 2023 година министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на неколку наврати носел одлуки за утврдување дека нема потреба да се изготви студија за животната средина, која одлука на неколку наврати е прифатена од Министерството за животна средина, за да во текот на месец април 2024 година да донесе решение со кое се утврдува потребата и му се наложува на Јавното претпријатие за државни патишта да изготви таква студија. Не поседуваат сообраќајна согласност од Општина Прилеп, исто така отсуствуваше и главниот рударски проект врз основа на кој би се изготвувале плановите за минирање“, изјави Жарко Стеваноски, адвокат на жителите од село Оревоец.

Адвокатите и претставниците на Бехтел и Енка и ЈПДП ги одбегнаа новинарите несакајќи да дадат одговор за целиот случај.

„На рочиштето имавме само паушални аргументи за важноста на проектот, дека тоа се работи од јавен интерес, дека тоа е за добро на граѓаните, иако таквите наводи не беа поткрепени со ниту еден материјален доказ кој го доставија во текот на оваа постапка“, додаде Стеваноски.

Жителите се крајно револтирани на ваквите постапки и велат дека Бехтел и Енка отворено им кажале дека ќе ги исплатат претрпените штети.

„Тие побараа едноставно да ја кажеме која е нашата материјална штета, но тие не ја гледаат нематеријалната штета, за нив е поважна материјалната, едноставно да нѐ исплатат нас, а нематеријалната штета е голема, се загади воздухот, се загади почвата, пробијаа еден извор со вода“, кажа Рубин Рујаноски, жител на с. Оревоец.

„Лично во нашиот двор, ние не дојдовме ниту во Америка, ниту во Турција во вашите дворови, вие дојдовте кај нас дома, така да не очекувајте да помини така лесно. Така да тука сме Бехтел и Енка и ЈПДП, можите само насила да нѐ тргните“, рече Дејан Ачкоски, жител на с. Оревоец.

Жителите велат дека остануваат на барикадите и протестите и дека по никојја цена нема да дозволат да проработи ископот за тампон кај нивното село. Очекуваат времената мерка за стопирање на активностите да ја донесе и Основниот суд во текот на наредната недела.