Македонија
17. October 2021 - 20:34

ЗНМ: Осуда за односот на Даштевски кон новинарите, МВР да постапи по поплаките од онлајн медиумите

На денешната попладневна конференција за медиумите организирана од Државната изборна комисија, претседателот на ДИК Александар Даштевски имаше непрофесионален и омаловажувачки однос кон дел од новинарите во делот кога се обидуваше да одговара на новинарските прашања, соопшти Здружението на новинарите на Македонија.

Од ЗНМ посочуваат дека Даштевски пропуштил да даде конкретен одговор на новинарско прашање од страна на новинарка во врска со најавата за продолжување на рокот за гласање после 19 часот како и за најавата за продолжување на медиумскиот молк и, според нив, тој наместо да одговори конкретно имал вербална расправа со колешката, во која, како што велат, се интересираше колешката од која телевизија е по што ѝ се обратил со зборовите„треба да се информирате добро пред да поставите некое прашање“, како и тоа дека новинарката треба да го чита законот пред да прашува.

– Го потсетуваме Даштевски дека според Изборниот законик, член 31, ДИК има обврска да ја информира и едуцира јавноста за начинот на гласање и за остварување на избирачкото право; Од друга страна, новинарот има право да изрази мислење и да постави прашање без разлика од кој медиум доаѓа и дали истото прашање му се допаѓа на Претседателот на ДИК или не, стои во соопштението од ЗНМ.

Потсетуваат дека новинарите и медиумите играат клучна улога во процесот на изборите, не само да направат увид на работата на надлежните институции, туку и да им овозможат на граѓаните да ги имаат сите потребни информации.

– За да биде задоволено правото за информирање, посебно на денот на изборите, нужно е Државната изборна комисија и сите останати институции да се отворени кон новинарите преку навремено и целосно давање на информации на неселективен начин, велат од ЗНМ.

Дополнуваат дека во текот на денот до ЗНМ пристигнале неколку поплаки од страна на онлајн медиуми и тоа за попречување на нивната работа од страна на симпатизери на политички партии како и за несоодветен однос на припадници на МВР во Скопје но и во неколку други градови и апелираат со цел да не се остави впечаток во јавноста дека органите за прогон ги игнорираат овие случки бараат нивно итно расчистување од страна на полицијата и брзо информирање на јавноста.