Македонија
6. July 2020 - 15:15

17-те новозаболени од Штип не се од познатите кластери

Седумнаесет новозаболени од ковид 19 во Штип , бележи денешната статистика на Министерството за здравство.

Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција потврди дека исто како во Скопје и во Штип, инфицираните не се од веќе постоечките кластери, но дека епидемиолозите според методите кои што ги применуваат успеваат да ги утврдат контактите и истите да се стават во изолација,  иако секогаш не се кажуваат точните податоци.

Инаку во Инфективното одделение во штипската Клиничка болница во моментов се хоспитализирани 45 пациенти, од кои петмина се сомнителни на Ковид 19.

,,Од пациентите пет-шест лица се на кислородна поддршка, а останатите се во стабилна здравствена состојба,“ информира директорот на штипската клиничка болница Ален Ѓеорѓиев.

Поради зголемувањето на бројот на хоспитализирани заболени со ковид 19, преселени се пациентите од нервното одделение, со што Инфективното одделение доби дополнителни кревети.

Институтот за Јавно здравје информира дека  имаме 20 оздравени пациенти. Досега во Штип од ковид 19 има заболени 390 лица а во моментов активно се 157.