Бизнис
10. October 2019 - 16:43

21 тон свинско месо со африканска свинска чума увезено во Македонија од Шпанија

Африканска свинска чума е детектирана во пратка од Шпанија. Пратката тешка 21 тон не е пуштена во промет, а месото ќе биде уништено. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Атанасов уверува дека нема опасност болеста да ги зафати македонските свињи.

Вели дека за случајот ќе бидат известени Светската здравствена организација за заштита на животните и Европската унија.

-Земена е мострата, испитана е веднаш и ставена е под контрола. Воопшто не е пуштена во промет и нештетено ќе биде уништена. Постојат контроли и со решението кое го издадовме како превентива за заштита од болеста се земаат задолжително од секоја пратка што содржи свинско месо од земјите кои што имаат прогласено болест без разлика дали доаѓа од региони кои што се прогласени слободни од болеста, вели директорот Зоран Атанасов.

Превентивните биосигурносни мерки остануваат во сила. Атанасов повторно со апел до граѓаните да не вленесуваат месо од надвор, особено не од земјите каде што има жаришта со африканска чума.

Отстрелот на диви свињи веќе е почнат. Но надлежните очекуваат од утре да добие на интензитет бидејќи секоја година тој почнува на 11 октомври.

Африканската свинска чума нема штетни последици по здравјето на луѓето, но може да причини огромни економски штети и да го колабира свињарството.