Македонија
6. April 2021 - 16:36

2.500 вакцинирани во првиот ден од масовната имунизација

Две и пол илјади граѓани ја примија првата доза Спутник на стартот на масовната имунизација во земјава. На располагање здравствените работници имаат 20 илјади од руската вакцина и доколку се продолжи со ова темпо, дозите ќе бидат употребени за 8 дена.

Но министерот уверува дека застој нема да има и најави навремена ревакцинација и пристигнување на втората пратка Спутник вакцини.

„Согласно со тоа што навистина досега многу пати најавите не се остварија заради проблеми од страна на производителите, со недостаток на количини...имаме најави дека помеѓу 15 и 20 април треба да стигнат кинеските и фајзер вакцините од нашиот директен договор и од трипартитниот со Европа. ТОгаш кога ќе имаме конкретен датум ќе го соопштиме”, вели Филипче.

Македонските граѓани кои во Србија ја примија првата доза од Астра Зенека можеби ќе треба да се ревакцинираат со друг производител. Се ќе зависи од Европската агенција за лекови и нивниот став, дали да продолжи вакцинирањето со Астра Зенека кај помлади од 60 години.

„Утрово разговаравме со претставници на српското МЗ и ги очекуваме списоците. Граѓаните ќе можат тука да се ревакцинираат согласно со препораките. Германија даде препорака после првата Астра да се ревакцинира со друга вакцина. Но ние ќе се водиме според препораките на Европската агенција за лекови”, вели Филипче.

Досега се вакцинирани речиси 13 илјади граѓани и освен два случаи на колапс кои не се поврзуваат со вакцината, други несакани ефекти нема, а девојката која имаше тромбоза е добра и денеска оди на домашно лекување, информираше Филипче.

Додаде дека четири града во земјава моментално најтешко се справуваат со Ковид состојбата – Куманово, Битола, Кичево и Тетово.