Македонија
3. October 2022 - 19:55

27 години од атентатот врз Глигоров

Дваесет и седум годишна мистерија. Кој и за каква цел го организираше атентатот врз Киро Глигоров? Првиот македонски претседател го преживеа нападот со тешки повреди, но шрапнелите беа фатални за возачот на Глигоров, Александар Спировски како и за случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени уште три лица.

“Трети октомври 1995 година. Претседателот Глигоров има работни обврски во Собранието. Службениот мерцедес се движи по улицата Македонија, во строгиот центар на главниот град. Во 9 часот и 50 минути, токму од ова место, мирниот вообичаен вторник го нарушува силната експлозија на паркиран автомобил Цитроен Ами, кој е претворен во огромна бомба”

Во Цитроенот се наоѓале минимум 20 килограми експлозив, активирани од далечина. МВР и тогашниот шеф на полицијата Фрчковски звучеа оптимистично околу истрагата.

“Во организацијата на атентатот е вклучена една финансиско-економска групација, практично мултинационална, со седиште во една соседна земја, чиј човек, чие име го знаеме”

Годините поминуваа, а истрагата споро напредуваше. Одвреме навреме ќе се појавеше нова информација која ќе ја поттикнеше надежта за нарачателите на атентатот.

“Се работи со полна пареа, не можам да зборувам за насоките”

Во едно се сите сигурни. Нападот е извршен од врвни професионалци. Низ годините како можни нарачатели се спомнуваа бугарската “Мултигруп”, разузнавачите од поранешната КОС, албански, но и организации од дијаспората, а како помагатели беа спомнувани македонски разузнавачи.

Годините потоа, се известуваше и за неколку сомнителни случаи на смрт на инспектори и вработени поврзани со истрагата.

Од денешна перспектива, експертите се јасни околу главниот безбедносен пропуст.

Истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена.

Вистината за тоа кој сакаше да го убие Глигоров останува непозната речиси три децении подоцна.

Официјално на функцијата претседател се врати три месеци по атентатот, а во јавноста ретко говореше за овој настан.