Македонија
27. February 2025 - 12:22

400 милиони денари за Општина Штип од вториот повик за пари од унгарскиот кредит

Општина Штип ќе аплицира за проекти кои ќе се финансираат преку вториот повик на Владата со средствата обезбедени од унгарскиот кредит. Штип на располагање има околу 400 милиони денари, или нешто повеќе од 6,5 милиони евра, со кои ќе се реализираат осум капитални проекти.  Како ќе пристигнуваат дозволите за градба, така и ќе ги доставуваат апликациите до ресорните министерства.

-Во текот на оваа недела Општина Штип ќе аплицира со два проекти, односно изградба на парк во близина на бања Кежовица покрај коритото на река Брегалница, а другиот проект е изведба на улица која ќе ги поврзува улиците „Тодор Коларов“ и „Мирче Ацев“. Општината ќе аплицира и со втора фаза од завршување на обиколницата или изградба на мост на обиколницата, изјави Вишна Шорова Ангелова, Секретар на општина Штип.

Во низата проекти се наоѓаат и поставувањето на СКАДА системот преку кој ЈП „Исар“ ќе може да ги контролира загубите и кражбите на вода, а ќе се евидентираат и недостатоците во водоснабдителната мрежа.

-За обезбедување на постојан проток на вода Општина Штип ќе аплицира и со проект за изградба на резервоар во близина на Филтер станицата, додаде Шорова Ангелова.

Најголемиот капитален проект е уредување на влезот во градот, односно доизградба на булеварот „Гоце Делчев“ од Кампус 4 до кружниот тек.