Македонија
8. January 2022 - 16:38

Африканска свинска чума откриена во делчевско

Агенцијата за храна и ветеринарство при контрола откри присуство на Африканска чума на приватна фарма за свињи во делчевското село Драмче. Вирусот не е опасен за луѓето, но тие можат да бидат преносители преку контаминирана облека. Не постои вакцина, ниту лек, а смртноста е скоро 100% и настапува за најдоцна две недели. Затоа од Агенцијата наложија убивање на свињите во одгледувалиштето под официјален надзор, земање на мостри од убиените свињи и нештетно отстранување на мршите од угинатите и убиените свињи.

Темелно чистење, дезинфекција и дезинсекција на фармата. Заштитената зона е во радиус од 3 километри од пронајденото жариште, а во зона под назор влегуваат фармите во радиус од 10 км. Бидејќи постои опасност болеста да се пренесе и на дивите свињи, во ловиштата на целиот источен регион е забранет ловот на сите видови на дивеч. Концесионерите на ловиштата и ловните друштва се должни да вршат пребарување за пронаоѓање на угинати диви свињи, кои исто така треба да бидат пријавени во Агенцијата и нештетно да бидат отстранети.  До крајот на месецот, на целата територија на државата ќе биде извршен вонреден попис и клинички преглед на сите домашни свињи, а во истиот период се забранува и нивна продажба.