Балкан
5. December 2020 - 15:11

Агенција Фич: Хрватската економија ќе падне за рекордни 9 отсто

Агенцијата Фич очекува хрватската економија годинава да падне за рекордни девет проценти, бидејќи вториот бран на пандемијата на коронавирусот тешко го погоди извозот на услуги и потрошувачката на домаќинствата и покрај сеопфатниот пакет мерки за поддршка во вкупна вредност од над 10 проценти од БДП.

Агенцијата потврди дека кредитниот рејтинг на Хрватска за инвестиции е „БББ-“, со стабилни изгледи, нагласувајќи го очекуваното постепено закрепнување од корона-кризата со финансиска поддршка на ЕУ, но и проблемот со ограничениот капацитет за користење европски пари.

Рејтингот ги одразува силните структурни показатели, вклучително и поголем развој на човечки ресурси во споредба со земјите со сличен рејтинг и подобар систем на управување и поголем БДП по глава на жител.

Тој е ограничен од слабиот потенцијал за раст и високиот јавен долг, посочува Фич.