Македонија
10. November 2015 - 13:04

Академијата за судии и јавни обвинители објави оглас за слушатели на почетна обука

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ објави јавен оглас за прием на 30 слушатели на почетна обука.

Заинтересираните кандидати треба да бидат дипломирани правници со завршено четиригодишно високо образование VII/1 степен на правни студии со просек од најмалку 8,0 и постдипломски студии со просек од најмалку 8,0 или дипломирани правници со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит - трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку 8,0 во секој од двата циклуса на универзитетските студии, да имаат положен правосуден испит и да имаат работен стаж од најмалку две години на правни работи по положен правосуден испит.

Исто така, на заинтересираните кандидати не треба да им е изречена мерка безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност, да се државјани на Република Македонија, активно да го владејат македонскиот јазик, активно да познаваат еден од официјалните јазици на Европската унија од кои задолжително англискиот јазик што се докажува со поседување  меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б2 (B2) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 5-6 поени, ФЦЕ, БЕК В, ИЛЕК, ИКФЕ, БУЛАТС, или Аптис,  или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 500 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 175 бода или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 60 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаФ.

Кандидатите до Академијата поднесуваат пријава на образец кој можат да го подигнат лично во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ на адреса булевар „Јане Сандански“ број 12, ламела 2, 1000 Скопје, во работни денови, од 8:30 до 16:30 часот или да го преземат од интернет страницата на Академијата www.jpacademy.gov.mk.

Рокот за пријавување на лицата на јавниот оглас е 15 (петнаесет) дена, сметано од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

Јавниот оглас, покрај во „Службен весник на Република Македонија“ се објавува и во дневните весници „Нова Македонија“ и „Лајм“, на огласната табла на Академијата и на интернет страницата на Академијата. 

Академијата за судии и јавни обвинители организира подготвителна настава за сите пријавени лица за прием во почетна обука во Академијата. Подготвителната настава се организира најмалку 45 дена пред денот на одржувањето на приемниот испит.

Испитот за почетна обука се полага пред Комисија за приемен испит согласно Програма за полагање на приемниот испит и Правилник за полагање на приемниот испит кои се објавени на интернет страницата на Академијата, во термини и рокови што ќе ги определи Комисијата а кои навремено ќе бидат објавени на интернет страницата на Академијата.

Базата на прашања и студии на случај за приемниот испит е јавно достапна на следниот линк: http://e-prasanja.mk/

Подетални информации за огласот заинтересираните кандидати можат да ги добијат на линкот http://www.jpacademy.gov.mk/novosti/--------------30 .