Македонија
10. November 2017 - 9:25

Акција на ракометниот колектив Вардар „Донирајте книги за Македонците во Нашице“

Актуелниот европски ракометен шампион Вардар иницира интересна акција, за собирање на книги на Македонците кои живеат во Нашице, Хрватска.

Како што информираат на својот веб сајт, акцијата на донација на книги ќе трае се до заминувањето на црвено-црните во Нашице (28 ноември) на меч против Нексе во СЕХА лигата.

„Сите играчи од составот на Вардар во машкиот и женски клуб, заедно со целокупната клупска администрација со задоволство прифатија да учествуваат во акцијата за собирање на книги за македонската заедница во Нашице. Во следните денови сите тие ќе донираат книги што потоа ќе бидат предадени на македонската заедница. Потребни се книги на македонски јазик, по можност од македонски автори, или пак популарна белетристика преведена на македонски јазик. Нема ограничен број на книги, ниту наслови. Најважно е да бидат на македонски јазик”, пишува меѓу другото во информацијата објавена на официјалниот веб сајт на клубот.

Вардар ги повикува сите свои навивачи, поддржувачи и пред се граѓани кои сакаат да бидат дел од оваа акција, да ги достават книгите во СЦ „Јане Сандански" на билетарницата, секој работен ден од 10 до 18 часот.

Целта на ваквата акција на вардарци е да им овозможиме на нашите сонародници да имаат ново четиво за читање и подобро изучување на македонскиот јазик.