Македонија
22. September 2019 - 14:23

Акција за чистење на каналот за довод на вода до Вратничко езеро

Жителите на тетовското село Вратница деновите од викендот ги искористија за работна акција за чистење на каналот за довод на вода во Вратничко езеро-Голина. Иницијативата е покрената поради лошата состојба на езерото и опасноста од негово исчезнување поради немање дотур на вода, информираат од Месна заедница. Се работи за вештачко езеро кое со вода од се снабдува од Вратничка река преку канал долг пет километри.

-Зимскиот период каналот беше оштетен од ерозија на земја во горниот тек и со големи напори на жителите на Вратница беше оспособен и исчистен со цел летото непречено да се наводнуваат земјоделските површини. Сега, кога сезоната за наводнување е завршена, конечно се создадени услови водата преку каналот да се донесе до езерото и со довод на вода есенва и во дел од зимата, колку тоа ќе дозволат временските услови да се наполни езерото. Имајќи предвид дека каналот не беше во употреба подолг период, неопходно беше да се организира негово чистење по цела должина, објаснуваат од Месната заедница.

Тие потенцираат дека покрај ова, постоењето и опстанокот на ова езеро е и една од причините што Вратничани не дозволуваат изградба на мали хидроцентрали на Вратничка река.

-Со ставање на водата во цевки по целата нејзина должина, каналот за наводнување и за довод на вода до езерото практично останува без вода, а со тоа за кратко време ќе изумре и Вратничко Поле и Вратничко Езеро. За таа цел, уште еднаш апелираме до надлежните институции да го стават ад акта проектот за изградба на мали централи на Вратнича Река и искрено се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и поддршка од сите релевантни фактори во Македонија, истакнуваат од Месната заедница.