Македонија
31. May 2018 - 11:10

Алаѓозовски учествуваше на Европскиот форум „Европа-поглед кон иднината“

Национализмот и авторитаризмот се главни ризици за заедничката иднина на Европа, истакнал македонскиот министер за култура Роберт Алаѓозовски, во обраќањето на 6. Европски форум „Европа – поглед кон иднината“, што се одржува во Гдањск, Полска.

Таквите тенденции, посочил Алаѓозовски, се видливи и во многу земји на ЕУ.  - Недостатокот на политички одговори и решенија од областа на економијата, вработувањето, животниот стандард, животната средина итн., обично се компензира со разгорување на националистичките наративи, изолационизмот и поттикнување страв и омраза од и кон „другиот" (страв од различна политичка идеологија, различна етничка припадност, религија, страв од имигранти, Русија, Кина, САД ...), навел Алаѓозовски, соопшти Министерството за култура.

Заедничката иднина на Европа, Алаѓозовски ја гледа во интензивната меѓусекторска соработка - хоризонталната соработка и интеграцијата на културата со другите секторски стратегии, како неизбежни за културниот развој и социјалната кохезија.

- Поддршката и промоцијата на културната разновидност и разновидноста на културното изразување, културниот плурализам, поддршката и промовирањето на меѓукултурниот дијалог, институционалната размена и градење на капацитетите, активното граѓанство, развојот на публиката, решавање на проблемите на недозволена трговија со културни добра, авторските права и сл., се предизвици кои нè доближија во заедничка соработка во насока на придонес кон развојот на нашиот регион и Европа како една целина, порачал Алаѓозовски.

Тој  вчера имал средба со градоначалникот на Гдањск, Павел Адамович, со кого се заложиле за остварување конкретна соработка, особено во културната размена и интензивирање на регионалната балканско – балтичка културна соработка.  

На маргините на конференцијата министерот Алаѓозовски, имал средба и со Лех Валенса, поранешен претседател на Република Полска, добитник на Нобеловата награда за мир и водач на демократските промени во оваа земја во 80-тите и 90-тите години.

Како што се наведува во соопштението, Алаѓозовски го запознал со актуелната политичка ситуација во Македонија, демократските промени кои се случија пред една година и чекорите на новата влада во насока на консолидација на демократските процеси и враќање на земјата кон евроатланските интеграции. Валенса се интересирал за деталите околу решавањето на спорот со името и развојот на добрососедските односи.  Тој ги поздравил напорите на Република Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ и рекол дека Европската унија мора да го обедини целиот европски регион, да развие поблиски односи со САД доколку сака да ги преброди успешно предизвиците на глобализацијата,  информираше Министерството за култура.