Македонија
7. April 2021 - 12:33

Алармантна состојбата во Битола

Поголемиот дел од хоспитализираните пациенти од Ковид 19 во Битола се во тешка состојба. Последната недела зголемен е бројот на хоспитализации, но и на амбулантни прегледи. Утрово бројот на хоспитализирани во Ковид центарот во Битола кој е регионален, достигна највисока бројка од почетокот на пандемијата - 125 пациенти, додека едно лице почина во последното деноноќие. Заради ваквата состојба, од вчера се вклучија и капацитетите на Модуларната болница, првиот пункт со 50 кревети, со што вкупниот капацитет во Ковид центарот во Битола моментално е 170.

-Хоспитализираните 90% се во тешка клиничка слика, многу од нив се кислородни зависни, страшни слики кои многу брзо се развиваат, за жал кај се помлада популација, фрапантно е млади и здрави луѓе какви слики развиваат. Во ковид одделенијата се зема кадар од секаде. Помалку ургентните одделенија преминуваат во сменско работење, со тоа што другите одделенија ќе покриваат, не смееме да дозволиме и тој дел да се затвори, се покриваат итни и ургентни состојби, апел до граѓаните да доаѓаат на лекар само кога имаат потреба во овој момент, затоа што ситуацијата е критична, персоналот е на работ на силите, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.

За изминатата недела бројот на починати лица во Битола бил 15, додека на ниво на регион починало 31 лице, велат од Центарот за јавно здравје Битола. Битола е еден од градовите каде последните неколку недели најмногу се шири Ковид 19. Епидемиолозите сметаат дека причината за зголемувањето се особините на британскиот сој, но и непочитувањето на мерките.

- Особено не на дистанцата и групирањето, тоа беа фактори, изминатиот период мерките не се почитуваат и дојдовме до овој стадиум. Тоа е врзано со особините на британскиот сој, се шири  многу побрзо, се шири и кај помлади луѓе, 20-30 години, што во претходните бранови беа поштедени на некој начин.Во Битола, претходната недела бројките беа повисоки од претходните недели, макар што, ова покачување трае 4- 5 недели. За седум дена, во регионот што Битола го покрива, имавме 782 новорегистрирани случаи, од кои, во Битола имаше 555 со некое неделно зголемување од 76 проценти, вели д-р Елизабета Крстева, директор на ЦЈЗ Битола.

Покрај во Битола, слична е ситуацијата во Ресен и Кичево.