Свет
27. July 2015 - 9:21

Алекс Салмонд : Втор референдум за отцепување на Шкотска е неизбежен

Поранешниот прв министер на Шкотска, сега пратеник во британскиот Парламент, Алекс Салмонд изјави во Лондон дека одржувањето на втор референдум за шкотска независност е „неизбежен“.

 
Во интервју за ББЦ, Салмонд рече единствената непозната работа е тајмингот на референдумот, за што инсистираше дека треба да одлучи само  актуелниот лидер на Шкотската национална партија (СНП), Никола Старџен.
Според Салмонд, кој е поранешн лидер на СНП и покренувач на сепаратизмот во Шкотска, три работи влијаат за повторното движење кон референдумско изјаснување за отцепување од Велика Британија.
Првото е неисполнетото ветување за максимално проширување на деволуцијата и на овластувањата на Парламентот во Единбург, потоа инсистирањето на британската влада за референдум за напуштање на ЕУ, како и крајно спротивставените гледања на Лондон и Единбург, околу политиката на кратење на буџетското трошење и на социјалните бенифиции.
Салмонд тврди дека кога станува збор за ЕУ, Шкотланѓаните и Англичаните имаат сосема различни позиции. Додека луѓето во Шкотска сакаат земјата да биде дел од ЕУ, во Англија продожува да се шири евроскептицизмот и антиевропското расположение.
На референдумот за независнсот на Шкотска од септември минатата година, 55 отсто од тамошните гласачи беа против напуштањето на Велика Британија, додека 45 отсто гласаа за отцепување.
Во мај оваа година, на британските парламентарни избори, сепаратистичката СНП партија победи убедливо во шкотските изборни единици, освојувајќи 56 од вкупно 59 пратенички места во Вестминстер.
Веднаш по изборите, лидерот на партијата Старџен, меѓутоа, изјави дека „прашањето за втор референдум не е на дневен ред, затоа што сега предност имаат други приоритети„.
Посматрачите во Лондон и во Единбург ,сепак, проценуваат дека дилемите може да се разјаснат идната година, кога во Шкотска се одржуваат парламентарни избори и кога ќе се објави предизборната платформа.Тогаш ќе се види каква е позицијата за нов шкотски референдум,  на сегашното раковдство.
Изјавата на Салмонд, затоа, се толкува и како притисок- негов и на тврдото сепаратистичко крило во СНП-врз сегашниот партиски лидер Никола Старџен, која изгледа дека се  повеќе се дистанцира од поранешниото водство.