Македонија
24. January 2023 - 16:35

Алијанса го поддржа мнозинството, дали почна да функционира новата коалиција

Иако нема официјален договор Ковачевски – Таравари за влез во владата, Алијанса на Алабанците денеска го обезбеди кворумот за денешната седница во услови кога власта во парламентот не може сама да функцинира поради нарушените односи во ДУИ и тенкото мнозинство.

Впрочем, функционалноста на Собранието била главна причина која премиерот Ковачевски синоќа пред помалите коалициски партнери ја навел за влез на Алијанса во Владата имајќи пред вид дека нивните гласови за уставни измени се секако сигурни независно дали се власт и опозиција.

Во оваа насока коментираше и собранискиот спикер Џафери за можноста Алијанса да премине од страната на власта.

„Ја поздравувам секоја мерка што ќе ја подобри функциналноста на Собранието“, рече Џафери на брифинг.

Според, извори од власта, Ковачевски на средбата уверувал и дека нема да се промени бројот на министри што доаѓаат од албанскиот блок  бидејки тоа било една од забелешките на помалите коалициски партнери.

Од друга страна, засилувањето на мнозинството со Алијанса , но со одржување на ист број на министри Албанци уште повеќе ја оддалечува Алтернатива на Гаши и огнената група на ДУИ од Ковачевски. Наводно на состанокот Гаши отворено му посочил на Ковачески дека не прифаќа промени во министерските и директорските позиции кои веќе ги договорил со предвладиниот договор со Заев.

Опозоциската ВМРО-ДПМНЕ пак, се уште цени дека избори се решение и за лошата состојба во Собранието, но и за уставни измени за внесување на Бугарите.

„Во Македонија на последните избори никој не доби мандат за промена на Уставот - ниту една партија не го претстави ова во својата програма. Затоа сметам дека предвремените избори се единствениот начин граѓаните да кажат што мислат и како мислат дека Македонија треба да се движи во наредниот период“, одговорил лидерот на партијата во своето последно интервју.

Можните промени во мнoзинството и тоа што власта е се уште далеку до потребните 80 пратеници за уставни измени, го помести и рокот што власта сама си го зададе за нив. Спикерот Џафери денеска најави дека наместо до март, процеот за измени на Уставот ќе почнат во јуни или јули.