Бизнис
6. November 2015 - 12:14

,,Алкалоид” со инвестиции од над 530 милиони денари и 79 нови вработувања

„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во првите девет месеци од годинава, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Во периодот јануари - септември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 5.872 милиони денари, што е за 6 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата, пак, е зголемен за 10 отсто. Зголемување од 1 отсто е забележано и кај добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која во првите девет месеци годинава достигнува 841 милиони денари, додека нето консолидираната добивка од 462 милион денари е зголемена за 5 отсто, покажува консолидираниот Биланс на успех.

Според единечниот Биланс на успех, пак, во периодот јануари - септември, продажбите достигнуваат 4.492 милиони денари, што е за 3 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 811 милиони денари, бележи зголемување од околу 1 отсто, додека нето добивката е зголемена за 3 отсто, соопштија од„Алкалоид АД“ Скопје.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари - септември 2015 година изнесуваат 530.367 илјади денари.

Во периодот јануари - септември 2015 година во Алкалоид се реализирани 79 нови вработувања во Република Македонија.