Свет
17. November 2019 - 9:58

Амбасадорот на САД во ЕУ му кажал на Трамп: „Зеленски ќе стори се за вас“

Импичмент на претседателот на САД, Доналд Трамп, е се поверојатен откако викендов се обелоденија документи од сведоштво на службеник задолжен за надворешни работи во амбасадата на САД во Киев.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, на распитот зад затворени врати в петокот вечерта, веднаш по јавното сведочење на високиот дипломат Мари Јовановиќ, исказ даде Дејвид Холмс, аташе за надворешни работи во амбасадата во Украина.

Според документите од сведочењето обелоденети од „Си-Ен-Ен“, Холмс дал исказ дека летоска слушнал разговор кој се водел на меѓународен телефонски повик помеѓу Гордон Сондленд, амбасадор на САД во ЕУ и претседателот Трамп. Како што е извесно, Сондленд, покрај Курт Волкер, поранешен специјален американски претставник во Украина, и министерот за енергетика Рик Пери, е дел од таканаречената група „три амигоси“, кои правеле напори врвот на Украина да спроведе истраги по налог на претседателот Трамп, а инспирирани од неговиот личен адвокат Руди Џулијани.

Телефонскиот повик се случил на 26 јули, ден откако Трамп разговарал со Зеленски при што му рекол „би сакал да ни направиш услуга“ и потоа навел за случајот со хакираните сервери на Демократсиот национален комитет и укажал за истрага околу украинските бизниси на Хантер Бајден, син на поранешниот потпретседател Џо Бајден, опонент на Трамп.

Според документите, во својата воведна изјава Холмс сведочел дека заедно со Сондленд и уште двајца други службеници биле на ручек во ресторан во Киев, и за време на разговорот, неговиот соговорник решил да го побара Трамп преку мобилен телефон.

За овој повик во средата пред Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом сведочеше и Вилијам Тејлор, висок американски дипломат во Украина и шеф на Холмс.

Холмс сведочи дека Сондленд не го поставил повикот на звучник за сите да слушаат, но тој самиот можел јасно да го препознае гласот на претседателот.

-Гласот на претседателот беше препознатлив и многу гласен, а амбасадорот Сондленд го држеше телефонот подалеку од увото одреден период, веројатно поради тоа што јачината на звукот беше голема.

Во продолжение Холмс раскажаува како се одвивал разговорот.

-Слушнав како амбасадорот Сондленд го поздрави претседателот и објасни дека се јавува од Киев. Слушнав дека претседателот Трамп тогаш праша дали амбасадорот Сондленд е во Украина. Амбасадорот потврди дека е во Украина и продолжи со изјава дека ‘претседателот Зеленски го сака вашиот задник’. Тогаш го слушнав претседателот Трамп како прашува: значи, тој ќе поведе истрагата?’, Амбасадорот Сондленд одговори потврдно, додавајќи дека претседателот Зеленски ќе стори „сè што ќе побарате од него“.

Сведочењето на Холмс фрла нова светлина во целата постапка за импичмент. За тоа дека Трамп, Џулијани и „трите амигоси“ разработувале шема вон нормалните дипломатски канали раководството на Украина да спроведе истрага за Бајден, а тоа го условиле со предвидената воена помош што САД годишно ја доделуваат на Украина во борбата против руските сепаратисти во источниот дел на земјата.

Демократите сметаат дека со ова претседателот ги погазил националните интереси на земјата, ја злоупотребил доделената претседателска власт и се обидел да корумпира странски лидер, што е повод, сметаат демократите, Конгресот да изгласа импичмент.

Се очекува Комитетот за разузнавање да го повика и Холмс на јавно сведочење. Засега, тој се уште не е ставен на листата на сведоци кои треба да се појават на јавните распити оваа недела, а на неа е Сондленд, кој ќе сведочи в среда.