Македонија
5. December 2024 - 16:38

Американската амбасада повика на почитување на независноста на судството во Македонија

Претставниците на Американската амбасада во земјава ја повикаа власта да ја почитува независноста на судството, за да може судиите сами да си ја вршат работата. Упатија порака и до претставниците на судската власт - наместо оставки, да пружат отпор, и наместо страв, да покажат храброст.

„Во последно време голем дел од луѓето во судството се во медиумите. Забележуваме како власта го става под знак прашалник интегритетот на судството и обвинителството. Нашата порака е иста, почитувајте ја независноста на судството. Дозволете им на судските претставници да си ја завршат работата без несоодветно политичко влијание или притосок“, изјави Вирџинија Елиот, Амбасада на САД. 

Првиот човек на Кривичниот суд и претседател на здружението на судии не ги коментираше најавите на власта за робусна акција во правосудството. Вели, подолго време различни општествени чинители работеле на девалвација на работата на судиите. 

„Не сме тука да водиме војни и мислам дека проблемите кои постојат во судството се заеднички и за судската и за законодавната и за извршната власт. Заедно треба да ги решаваме и судството во тој правец размислува“, изјави Иван Џолев, Претседател на Основен кривичен суд. 

Во Министерството за правда не сметаат дека најавите за акции е притисок врз правосудството. Тврдат дека и покрај бројните корупциски скандали, обвинителството не преземало никакви активности. 

„Обвинителството треба да постапува по допрен глас. Постојано во медиумите и од државни органи се иницираат постапки, а и во јавноста постојат сомнежи за сторени кривични дела, но од Обвинителството засега нема процесуирано ниту еден предмет“, вели Ален Деребан, Заменик министер за правда. 

Довербата и авторитетот на судската власт се тема на дводневната конференција на која присуствуваат претставници од сите нивоа на судската власт.