Бизнис
20. January 2023 - 21:14

Анализа: Европа бара работници и менува правила - Како ќе се справи Македонија со недостатокот на кадар?

Ќе остане ли земјава без работници? Германија и Англија бараат над 50 илјади, Хрватска над 10 илјади лица, а предност имаат граѓаните од Западен Балкан. 

Поради недостиг на кадар, Германија ги олеснува условите и процедурите за добивање државјанство и работни визи. Странците веќе нема да мора да се откажат од матичниот пасош, а за државјанство ќе можат да аплицираат и по 5 години престој, наместо сегашните 8. 

Хрватска пак уште сега бара сезонски работници за работа во луксузни хотели на лето. За некоку дена во Скопје ќе организираат саем каде на заинтересираните кандидати ќе им ги презентираат условите за работа кај нив. Во Хрватска има 116.000 невработени и над 240.000 слободни работни места. Затоа веќе почнаа со увоз на Филипинци, Непалци и Индијци.

Агенциите кои посредуваат за вработување во странство велат дека земјава е веќе без работници. Егзодусот на иселување трае неколку години и ако итно не се преземат системски мерки ќе нема кој да работи. Затоа предлагаат - работодавачите да ги зголемат платите, за да ги задржат квалитетните работници. За повисок стандард и магистри и доктори на науки заминуваат да работат земјоделие. 

-Англија бара да вработи над 55 илјади лица во секторот земјоделие. Во моментов 1.200 Македонци бараат дозвола да заминат таму. Работа бараат не само неквалификуваните, туку и оние со магистерски дипломи. Затоа е потребно систем на соодветно наградување врз основа на трудот. Така ќе останат работниците во Македонија, изјави Зоран Кочоски, Агенција за посредување за работа во странство.

Соочени со недостигот на работна сила, Владата најави дека ќе бара работници од Исток. Ќе ги олеснува дозволите за издавање работни визи. Но, Кочоски е загрижен за најавите дека ќе бидат ангажирани работници од Бангладеш и Пакистан. 

-Дали културолошки тие лица ќе можат да се вклопат во системот? Ме плашат гласините за увоз на работна сила од држави кои се далеку под стандардот на живеење. Тие негативно ќе влијаат, прво нема каде да се сместат, ќе поскапат кириите, но од друга страна ќе ги намалат платите на веќе вработените. Немаме услови да ги интегрираме културно, додава Кочоски. 

Во моментов невработени се околу 115 илјади лица во земјава. Повеќе од половината, односно 65% од нив се со завршено основно или незавршено средно образование. Токму таков неквалификуван кадар е баран во земјите членки на Унијата.