Македонија
5. September 2018 - 17:58

Анѓушев се сретна со новата амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Галовеј

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Рејчел Галовеј. 

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, на средбата покрај изразеното добредојде, Анѓушев и Галовеј го искажаа и својот искрен оптимизам за продолжување и зајакнување на економската соработката меѓу двете земји.

Вицепремиерот Анѓушев на средбата посочил дека транспарентното креирање на економските мерки за поддршка на целото стопанство, кои опфаќаат од старт ап компании, преку мали и средни се до големи фирми даваат резултати.

- Планот за економски раст, Законот за финансиска поддршка и проектите преку Фондот за иновации силно го подржуваат целото стопанство и очекуваме реален импакт кон економијата и позитивни бројки во бруто домашниот производ. Имплементацијата на ново креираните транспарентни мерки даваат резултати: 16 нови странски компании и влез од 327 милиони евра странски инвестиции во првата половина од годинава. Во исто време се регистрира и раст на индустриското производство од 8,4 отсто во јули во споредба со истиот период од мината година, истакна Анѓушев, кој се заблагодари за поддршката посебно во енергетскиот сектор што го дава земјата.

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот, билатералните односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство создадоа традиција на добри меѓусебни релации, со динамичен дијалог на владино ниво и зголемена разновидна секторска соработка во институционалниот развој, зголемена трговија и инвестиции.

Обединетото Кралство е меѓу земјите со кои Македонија има најголем обем на трговија и тоа во првата половина на 2018 со истиот период во 2017 година, е регистриран раст од над 17 отсто.

Амбасадорката Галовеј на средбата ја искажала својата увереност во позитивната насока каде се движи земјата и ја потенцирала својата заложба во постигнувањето на целите во сеопфатниот развој на државата и во полесно премостување на сите предизвици во политичкиот, институционалниот, економскиот и културниот напредок.