Македонија
4. December 2021 - 16:47

АПЕЛ ЗА ПОМОШ: Живот на свеќа, помеѓу ѕидови кои се распаѓаат од мувла

Без струја, без греење, во разрушена куќа полна со мувла, вода која тече од сите страни кога врне, искршени прозорци, паднати ѕидови. Во вакви услови веќе 20 години живее семејството Најдовски од Битола. Николина зема мала пензија, нејзиниот син социјална помош, додека нејзината ќерка повремено живее кај роднините. Сопругот на Николина починал пред 5 години.

Вели дека две децении немаат струја во куќата затоа што е во ваква состојба и приклучувањето струја е опасно по живот, заради тоа што тече вода низ цела куќа. Немаат услови да ја поправат куќата.

-Не може дека тече вода. Страшно е. Не можеме ни да ја одржуваме, ни да живееме. Сакаме нормален живот, порано живеевме нормален живот, сега ова не е добар живот. Барам помош, во многу тешка ситуација сме, вели Николина Најдовска.

Мрачната и влажна куќа ја осветлуваат со свеќи, јадат претежно сува храна. На зима, ако имаат дрва за огрев, шпоретот го палат малку колку да затопли.

-Дрва немаме земено оваа година, нешто што остана од лани. Немаме услови да земе дрва. И за јадење немаме, од центарот му даваат на син ми, вели Николина.

Но, како уште поголем камен на нејзината мака, Николина вели дека последните десет години намерно и ја оштетуваат куќата. Пријавувала во сите институции, но вели дека досега никој не и помогнал.

-Животите ни се многу во опасност. Во дворовите влегуваат, се туркаат, малтер, ѕидови, блокови, се се стурка. Сакаат цела куќа да ја турнат и нас да ни свршат работа. Пред една година, децата од училиште кога си бегаа, фрлаа со камења. И јас кога излегував и по мене фрлаа. 12 години, пријавував, поднесував барања, но никој не ме викна досега, никој нема преземено ништо, вели таа.

Во желба за нормален живот, Николина се надева дека некој ќе и подаде рака.