Македонија
6. July 2022 - 14:04

Арбер Адеми: Македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка

Нема време за лажни вести. Не смее лажните вести да преовладуваат, туку вистината да преовлада. Затоа сме денеска тука да разговараме со аргументи. Нема штета од дискусија, разговори, преговори, објаснувања и дообјаснувања со сите засегнати страни, изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми пред денешната средба на партиските работни групи во Клубот на пратеници.

– Македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка без фусноти, без ѕвездичка, без дополнителни објаснувања. Велат дека немаме старт на преговори. Ќе имаме старт на преговори, тоа вчера беше истакнато и од страна на претседателот на Европскиот Совет и дека ние и Албанија би стартувале веднаш со преговори, со скрининг процес којшто го поминале сите земји членки. Така што и ние и Албанија заедно ќе поминеме низ тоа, изјави Адеми.

Додаде дека лажни вести се информациите дека нема преговарачка рамка и дека протоколот е дел од преговарачката рамка.

– Во преговарачката рамка се вели дека европското законодавство ќе се преведе на македонски јазик со што се потврдува дека македонскиот јазик е официјален и ќе биде службен јазик на ЕУ. Мислам дека тоа е придобивката од предлогот што го имаме за да нема лажни вести низ општеството, низ јавноста. Унилатерална изјава можно е да има, но со ЕУ ние ќе комуницираме на македонски јазик и македонскиот јазик е чист во овој правец. Македонскиот јазик што и вие и јас го зборуваме, рече Адеми, додавајќи дека на македонски јазик ќе се потпише и договорот со Фронтекс, кој беше закочен поради тоа што беше оспоруван македонскиот јазик.