Свет
23. February 2021 - 10:45

Аргентина: 70 познати личности незаконски примиле вакцина против коронавирус

Во Аргентина избувна скандал со вакцинирање познати личности откако Министерството за здравство објави список со 70 лица кои незаконски примиле вакцина против коронавирусот.

На списокот се претседателот Алберто Фернандез и членовите на неговиот кабинет, како и министерот за економија Мартин Гузман, аргентинскиот амбасадор во Бразил, поранешниот претседател Едуардо Дуалде, неговата сопруга и нивните деца, како и службеници кои не се меѓу приоритетните за првите 1,8 милиони дози вакцини.

Приоритет за добивање на вакцината имаат здравствените работници и луѓето постари од 70 години во внатрешноста на земјата и постарите од 80 години во Буенос Аирес.

Скандалот избувна во петокот кога новинар на радио рече дека поради неговото пријателство со поранешниот министер за здравство Гинис Гонзалес Гарсија, кој морал да си даде оставка, тој бил вакциниран во просториите на Министерството, додека болницата во Буенос Аирес добила 3.000 дози вакцини. Во Аргентина, која има 44 милиони жители, повеќе од два милиона луѓе се заразени, а 51.000 починаа од вирусот.

Земјата досега има добиено 1,22 милиони дози од руската вакцина „Спутник V“ и 580.000 дози од индиската вакцина, а во наредните денови очекува еден милион дози од кинеската вакцина „Синофарм“.

– Идејата за ВИП вакцинација во Министерството за здравство е погрешна. Она што се случи беше специфична ситуација, десет лица отидоа да се вакцинираат, а претседателот ги презеде потребните мерки, рече новата министерка за здравство, Карла Визоти.