Македонија

Архитектонските бариери главен проблем за лицата со посебни потреби

Унапредување на условите за пристап на лицата со посебни потреби до вработување и самовработување, вклучувајќи критериуми за избор и условите за вработување, овозможување на членство и вклученост во организациите на работници и работодавачи, градење на капацитети и вмрежувања со различни недржавни чинители како што се граѓанско општество и бизнис секторот, се само мал дел од работите кои треба да се унапредат за лицата со посебни потреби.

Ова денеска беше констатирано на Национална конференција „Унапредување на механизмите за спречување и заштита од дискриминација на лицата со посебни потреби во Македонија“ во организација на Фондацијата за одржлив економски развој Преда Плус и Здружението на студенти и младинци со хендикеп.

Мери Трпеска од Здружението на студенти и младинци со хендикеп рече дека во текот на нивното истражување за преоктот забележале многу архитектонски бариери, како што е „пристапот до вториот кат“ кој за лицата со посебни потреби е ограничен.

- Реално променета е состојбата од минатото, но има уште многу работа. Успеавме преку проектот да ги информираме лицата со посебни потреби за нивните права коишто можат да ги остварат да бидат повидливи во општеството, истакна Трпеска.

Според неа, лицата со попреченост не се доволно информирани за своите права во високото образовани и поради тоа има многу малку факултетски образовани хендикепирани лица.

Спред информациите до кои дошле од Преда Плус и Зружението на суденти и младинци со хендикеп, во 2015 година само 49 лица со хендикеп завршиле високо образование, пет станале магистри, а не бил забележан ниту еден случај на завршени докторски студии.

Бојан Наумовски студент на Филозофскиот факултет со дијагноза церебрална парализа, вели дека на неговиот факултет има пристап до сите катедри бидејќи има лифтови и функционира како и секој студент. Во однос на движењето по градските улици, истакнува дека проблем има со високите тротоари кои му го отежнуваат движењето. Според него, проблем кој најбргу треба да се реши е пристапот за колички за инвалиди на тротоарите, по теркот, како што рече, на рекламите на УНИЦЕФ.

Благица Димитровска мајка на 33 годишен син со комбинирани пречки во развојот, вели дека во Македонија недостасуваат системски решенија за лицата со посебни потреби. Таа ги наведе раната детекција, нема регистар  на пол, возраст и инвалидитет на лица со хендикеп. Според неа, потребни се измени во здравствената заштита на хендикепираните лица, бидејќи, како што рече, човекот ако не е здрав не може да се вработи ниту пак да го издржува своето семејство. Таа се плаши за нејзиното дете што ќе се случи по нејзината смрт. 

- Досега се уште не му е одземена деловната способност затоа што не сакам моето дете да биде прогласено за неважечка личност во оваа држава и сметам дека во некои работи тој е деловно способен, но по смртта на родителите по автоматизам ќе му се одземе деловната способност за да ја наследи пензијата од родителите инаку нема каде да живее, истакна Димитровска.

Загрижувачки проблем, како што посочи, е и тоа што има само поддршка за згрижувачките семејства, а не и за биолошкото семејство и дека многу од родителите решаваат своите деца да ги сместат во институции.

Од расположливите статистички податоци во Република Македонија за невработеноста на лицата со посебни потреби според нивниот образовен статус, во 2015 година евидентен е проблемот со нивното ниско образовно ниво, каде 54 проценти од лицата со посебни потреби имаат завршено само основно образование, а 20 отсто се со непотполно средно образование. Ваквата структура на образовни квалификации каде три четвртини од невработените лица со посебни потреби имаат исклучително низок степен на образование алармира на итна потреба од преземање на системски мерки за справување со овој проблем.