Македонија
9. November 2019 - 11:41

Арифи: Имам обврска да го завршам мандатот како градоначалник, потоа се отворени сите опции

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, која е втор мандат на чело на оваа општина, вели дека ќе го заврши мандатот како градоначлник на Тетово, а потоа се отворени сите опции вклучувајќи го и амбасадорското место во САД. Во интервјуто говори за проектите што се реализирани и оние што претстојат.

Во октомври изминаа две години од локалните избори во 2017 година, односно изминаа двете години од вториот мандат со раководењето на општина Тетово од страна на Теута Арифи како градоначалчничка. Во овој период кои се најголемите резултати што општина Тетово ги оствари со Ваше раководство?

-Од многуте проекти на кои оваа година работиме паралелно ќе ги издвоиме почнувањето со работа на булеварите „Видое Смилевски Бато“ и „Благоја Тоска“. Тие ќе се продолжуваат, ќе добијат поголема должина и се надеваме дека со тоа ќе се реши деценискиот проблем со сообраќајниот метеж. Формирано е Јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ за јавен градски превоз. Конкурирано е за автобуси и се чека одобрување од Светска Банка. Станува збор за пет градски нови автобуси, а со нив исто така очекуваме да се растерети сообраќајот во градот. Тука е и проектот за изградба на пречистителна станица вреден 33 милиони на кој се работи на расчистување на теренот, а кој ќе ги опфати отпадните води и од планинските села од општина Тетово.

Чести се критиките за општинска негрижа и комунална нехигиена.  Постои несовесност кај граѓаните но каде е пропустот кај службите?

-Општина Тетово заедно со ЈКП „Тетово“ редовно врши чистење на контејнерите се разбира со сите свои капацитети што ги има и технички и човечки, но се разбира дека ставаме акцент и на апелот дека треба и да се подигне јавната свест да не се фрла отпад каде ќе се стигне, но и доколку граѓаните видат неисчистен простор да ги контактираат нашите служби за тоа навремено да се среди, бидејќи се случува по чистење на отпадот на одредени локации веднаш набрзо повторно да се направи куп смет.

Во пресрет на зимата кои мерки за намалување на аерозагадувањето се презедоа и дали има конкретни ефекти?

-Општинските инспектори ги извршуваат своите редовни обврски на терен со цел да се санкционираат оние кои влијаат на зголемување на загадувањето на воздухот. Вреден е да се спомене  гасоводот на кој се работи за што поскоро воведување. Една од клучните мерки е и функционирањето на „Градски паркинг“ што во координација со СВР Тетово ќе влијаат на расчистување на градскиот метеж, но и ќе се воведат мерки за рестрикција на сообраќајот за тешки товарни возила и транспорт. Се разбира дека и чистењето на улиците со посебни хемиски препарати се само дел од мерките што оваа зима ќе влезат во агендата на активности кои општина Тетово планира да ги преземе како и секоја година за заштита на животната средина и зачувување на чистиот воздух, а со тоа и зачувување на здравјето на граѓаните.

Чести се најавите дека ќе се реконструира една од најдолгите улици, „Гоце Делчев“, воедно карактеристична за стариот дел од Тетово каде исчезнува калдрмата и препознатливиот лик на објектите. Кога ќе се реализираат најавите?

-За улицата „Гоце Делчев“, но и за неколку други во градот веќе е доставена целокупната документација до Светска банка, тоа се всушност проекти што се реализираат преку Министерството за транспорт и врски и од каде се чекаат средствата кои Светска банка ќе ги одобри, по што ќе се пристапи со работа на терен.

До каде е процедурата за нов Генерален урбанистички план и кои се очекувањата во поглед на подобра урбанизација на Тетово?

-Генералниот урбанистички план е во изработка, се работи на негово финализирање во консултации со стручни лица.

Зошто справувањето со бездомни кучиња нема системски начин, пример во рамки на комунално претријатие, па во текот на целата година да се работи со нив, наместо досегашната практика,  да се избира фирма со тендер и да се избегне периодот кога нема справување со бездомните кучиња затоа што на фирмата и завршиле средствата од тендерот па мора да се чека нов?

-За уредување на проблемот со кучињата скитници веќе е објавен тендер на 16 октомври 2019 година и е завршен на 24 октомври, на кој е избрана фирма со најповолна понуда и по поминување на законските рокови за жалба истата одлука ќе стане правосилна доколку никој не се жали.

Честопати општина Тетово е критикувана дека нема објавување на јавните набавки. Неодамна и Иннститутот за стратешка едукација и истражување во анализа на јавните набавки констатира дека воопшто нема објавување податоците за јавните набавки на интернет страницата на општина Тетово.

-Ние стриктно ги следиме законските процедури. Нормално секој предлог за зголемување на транспаретноста со позитивност ќе го гледаме и разгледаме, но во однос на одржување на законските линии се придружуваме строго согласно закон.

Вашето име во неколку наврати се споменува како иден амбасадор во Соединетите Американски Држави.

-За мене тоа е едно големо почитување имајќи во предвид фактот дека во САД секогаш сум се чувствувала како дома. Нормално дека за мене тоа е едно големо почитување, самиот факт што за тоа се зборува но сакам да истакнам дека јас уште две години имам обврски према граѓаните на Тетово кои на гласање ме испочитуваа исто толку многу така да би го завршила мандатот па после опциите се отворени.