Македонија
28. September 2019 - 16:19

АРМ ќе ги менува борбените возила од Русија со помош од САД

Македонската армија се откажува од руската опрема, во замена за американска воена помош. Шест источно европски земји, меѓу кои е и Македонија, се опфатени со програма од Стејт департментот која нуди финансиски средства, со која армиите од овие земји треба да се модернизираат со американски хеликоптери и борбени возила.

Но, како што пишува американскиот портал “Defence One”, за да ги добијат парите, државите мора да се ослободат од адекватната руска воена опрема, да ветат дека во иднина нема да купуваат нова, но и да одвојат дел од сопствените буџети за купување американско оружје.

„Целта е да им помогнеме на нашите партнери да се одвојат од рускиот ланец на снабдување, кој им овозможува на руските изведувачи и сервисен персонал, но и на резервните делови на руската војска, примена или учество во сојузничките бази на НАТО или во партнерските воени бази”, велат извори од Стејт департментот за американкиот медиум.

Но, според воените аналитичари, програмата има и друга цел - осовременување на источно европските армии. Македонија треба да добие 20-ина транспортери, кои ќе можат да одговорат на потребите на терен.

Кој е условот да ја добиеме помошта?

“Во конкретниов случај станува збор за преземање одговорност да ги замениме руските транспортери, кои и онака требаше да бидат заменети...”

Од почетокот на програмата пред една година, Стејт департментот вложил 190 милиони долари во шест проекти во исто толку земји. За Македонија се предвидени американски борбени возила во вредност од 30 милиони долари, додека останатите средства се распределени во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција и во Словачка.

Во програмата на Владата за оваа година, како иницијатива од висок приоритет за декември е планирано спроведување на Предлог програмата за соработка со САД, во доменот на одбраната. Програмата е наречена - Странска воена продажба и е наменета за набавка на опрема за потребите на македонската армија од американски производители, компатибилна со НАТО стадрадите.

“Програмата се очекува да донесе јакнење на капацитетите на Армијата на Република Северна Македонија и подигнување на степенот на нејзината опременост. Опремување и модернизација на Армијата на Република Северна Македонија со поддршка на фондови од овие програми. Влијанијата од имплементацијата на оваа програма се позитивни”, пишува во владината програма.

Воените аналитичари сметаат дека македонската армија засега нема потреба од замена на 10-те руски хеликоптери, кои можат да одговарат на современите потреби.