Свет
1. February 2017 - 11:25

Авганистанските сили отстапуваат пред талибанците по повлекувањето на силите на НАТО

Авганистанските сили продолжуваат да отстапуваат пред бунтовниците и губат територии, откако кон крајот на 2014 година ја презедоа од НАТО одговорноста за безбедноста во земјата, се наведува во американскиот извештај, што беше објавен денеска, јави ДПА. 

Кон средината на ноември под контрола или влијание на Владата биле 57,2 отсто од 407-те окрузи во Авганистан, што е за 6,2 отсто помалку во споредба со август и за 15 отсто помалку во споредба со ноември 2015 година, се вели во извештајот на Специјалниот главен инспекторат за обновување на Авганистан.

Најмалку 9,2 милиони лица, речиси една третина од авганистанското население, живеат во региони во кои се водат борби. Околу 2,5 милиони лица живеат на територии под контрола или влијание на бунтовниците, што е помалку во споредба со пред три месеци, кога нивната бројка изнесувала 2,9 милиони. 

Не е јасно кои се причините за намалување на бројноста на населението, кое живее под директна власт на талибанците. Едно од појаснувањата е дека поради конфликтот дошло до поинтензивно внатрешно раселување на луѓето од очекуваното.

Статистичките податоци на Обединетите нации, објавени завчера, покажуваат дека околу 640 илјади Авганистанци требало да ги напуштат своите домови минатата година. 

- Авганистанската Влада и силите за безбедност имаат потреба од натамошна поддршка и не можат да опстанат без помошта на донаторите, се вели во извештајот.