Македонија
16. April 2016 - 11:46

Автомобил удри во стадо овци пред гостиварската патарина

Петнаесетина овци биле усмртени откако синоќа, на магистралниот пат Гостивар – Кичево, во близина на излезот од Гостивар, автомобил налетал на стадо кое се движело по коловозот.
 
Според СВР Тетово, несреќата се случила петнаесетина минути пред полноќ, кога возило „афла-ромео“ со кумановски регистерски таблички што го управувал И.С. (66) од Куманово налетало на стадо овци, во близина на гостиварската патарина.
 
Како што информира портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски, непосредно по пријавата, екипа на полициската станица Гостивар извршила увид. Се работи на утврдување на причините за несреќата. Според првичните проценки, направена е штета од над сто илјади денари.
 
Сопственикот на стадото Ризванче А. (56) од Гостивар, изјави дека возилото удрило во повеќе од педесет овци и дека покрај усмртените имало и повеќе повредени грла добиток. Конечниот број на настрадани овци и вкупната штета, се очекува да бидат утврдени во текот на денот.
 
Фото: tetovasot.com