Свет
20. September 2016 - 17:42

Бан Ки-мун: Иднината на Сирија не треба да зависи од судбината на претседателот Асад

Со изведбата на италијанскиот оперски пејач Андреа Бочели, во седиштето на ОН во Њујорк, беше отворена генералната дебата на 71-та сесија на Генералното собрание на ОН.

Бочели ја испеа „Nessun Dorma" и ги натера лидерите да станат на нозе и да го наградат со бурен аплауз, пренесува БТА.

Прв говор одржа генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, за кого ова беше проштално обраќање на општополитичките дебати, со оглед на тоа  дека мандатот му истекува на крајот на годината.

- Иднината на Сирија не треба да зависи од судбината на претседателот Башар ал  Асад, истакна генералниот секретар.
Бан ги повика сите држави кои имаат влијание врз земјите во сирискиот конфликт, да ги убедат да ги прекинат судирите и да седнат на преговарачка маса.

- Одамна е дојдено време за политички промени. По сето тоа насилство во земјата и неефикасното управување, иднината на Сирија не треба да зависи од судбината на еден човек, истакна Бан.

Генералниот секретар ја обвини сириската влада за смртта на повеќе цивили за време на петгодишната војна во Сирија и изјави дека „највлијателните патрони, кои продолжуваат да ја хранат машинеријата на војната, исто така имаат крв на рацете“.

- Многу групи убија невини луѓе во Сирија, но никој не уби толку цивили колку сириската влада, која продолжува да фрла бомби по станбените населби и системски да измачува илјадници приведени", рече Бан, цитиран од ДПА.

- Овде, во оваа сала денеска, има претставници на влади, кои ги занемарија, олеснија, финансираа, учествуваа или дури планираа и извршија злосторствата на сириските цивили, од сите страни во сирискиот конфликт, изјави Бан.

Тој остро го критикуваше  нападот врз хуманитарниот конвој, во кој загинаа 20 лица, и ги нарече извршителите „кукавици", а хуманитарните работници во Сирија „храбри луѓе".

Во говорот Бан се осврна и на палестинско-израелскиот конфликт, украинската криза и расизмот.

За израелско-палестинскиот конфликт, Бан истакна дека изгледите за решение засновано на две држави, се намалува секој ден.
За кризата во Украина Бан рече дека таа изродила геополитичко ривалство, пренесе ТАСС.

- Насилството во Украина доведе до внатрешно раселување на луѓе, ги обнови тензиите низ цела Европа и роди геополитички ривалства, рече генералниот секретар.

Тој ги повика политичките лидери и кандидати да не се впуштаат во цинични и опасни политички пресметки, со цел добивање политички поени.

Бан изјави дека бегалците и мигрантите често се соочуваат со омраза и истакна дека муслиманите се соочуваат со недоверба и стереотипи.

На отворањето на генералната дебата на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации, што се одржува од денеска до 26 септември на тема „Одржливи развојни цели: универзален притисок за трансформирање на нашиот свет“ учествува и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Предвидено е претседателот Иванов да се обрати на Генералното Собрание на Обединетите Нации в четврток, 22 септември.

Меѓу говорниците на отворањето на генералната дебата на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации, освен генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, се и претседателот на Соединетите Американски држави Барак Обама, францускиот претседател, Франсоа Оланд, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, британскиот премиер Тереза Меј, канадскиот премиер Џастин Трудо.